Желба или две
..илјади
Да те сакам
колку што сакам мамурни утра
Да те мразам
колку што мразам топло кафе
во понеделник наутро
Да те имам
како испуштен дим од цигара
како воздишка
како ладен ветер во топло
августовско попладне
Не, ти мене така да ме имаш!
И да ме изгубиш како брчка
Секој ден.
Да ме будиш со
“Станувај мрзо кафе да ставиш”
Да те заспивам колнејќи те
што цел ден сум те мислела
“Легни си веќе еднаш копиле два саат е”
И така да се мразиме
со љубов
До бесконечност
И назад.

Advertisements

Силна

Јачината на еден човек се мери во тоа колку тој ќе издржи  додека да падне мрак. Таа е силна се` додека се смее. Се` додека солзите ги чува далеку под дното на срцето. На суво и ладно место.Таа со леснотија ги носи тешките маски. Знае да се радува со сето срце, оставајќи ги на страна солзите – камења. Нема посилна од неа. Освен сонот. Толку е силен, што секогаш во борбата помеѓу него и неа, тој победува. Не ја остава мирна. Не и` дава да спие. И тогаш  доаѓаат спомените. Ни самата не знае од каде. Се раѓаат од мракот и тишината. И` ја симнуваат маската. Продираат длабоко во срцето, и ги крадат солзите. Секоја солза – по еден спомен. Се тркалаат една по една низ образите, заедно со себе влечејќи ги спомените. Од него. Од нив. Од минатото, сегашноста и мечтата. Од љубовта. Омразата. Желбата. Одеднаш липање. Несвесно. Тивко, ама болно. Толку болно што дури и сонот се сожалува. И, ја пушта да сонува…А до перницата и` ја остава новата маска за новото утро. Посилна од пред тоа.

Молк

Ќе молчам. Подобро само да замолчам. Зашто, ако не замолчам или ќе те бакнам или ќе те убијам. Ти што сакаш ? Што мислиш дека заслужи ? Колку што те сакам толку и те мразам. Или помалку. Или можеби повеќе. Да знаев немаше да молчам. Ќе завршев со тебе еднаш засекогаш. На некој начин. Ќе се завртев кон светлината и со лесни чекори ќе заминев. Или ќе останев и ќе те опсипев со гласни бакнежи. Твојата дволичност се бори во мојот ум. Гледајќи ја битката ми доаѓа да се дерам како нелуд човек затворен во лудница. Не од страв. Од гнев. И веднаш потоа ми оди да ти се фрлам во прегратка и да плачам. Да плачам за нас а ти да ме тешиш. Ама јас уште молчам. Чекам да заврши битката. Ќе заврши ли ? И кој ќе победи ?

Извини

Извини
Извини што те сакав
Извини што ме мачеше
Извини што поради тебе не можев да спијам
Извини што останував будна  кога сите тонеа во сон
Што се грижев за тебе
Што плачев кога плачеше
Што се смеев кога се смееше
Извини што ти го знам бројот на памет
Извини што мижејќи знам да стигнам до твојата куќа
Извини што цела градина напојував со моите солзи
Извини што ми требаш
Извини што те сакав
Извини…
Нема да се повтори..

Вечна желба

Ама јас знаев!
Уште кога прв пат те видов, знаев!
Знаев дека нема да спијам мирно
после тој поглед.
Ноќта кога те видов
и кога разбуди фантазии
во мојата глава,
знаев дека
уште илјада ноќи после тоа
ќе се трупаат желба над желба,
фантазија над фантазија.
Немоќна бев,
ги оставив.
Оставив да бидам со тебе
само во моите сни.
Да те сакам,
и да ме сакаш,
само во прегратките
на вечната желба.
Знаев дека нашата љубов
таму и ќе остане.
Ако Севишниот не посака поинаку.
Ама знам дека нема.
За мое добро !
За мое добро..
И на крајот од краиштата,
кога ѓаволот би се покорил пред ангелот ?

Сега и секогаш

Пак те барам по сокаков.
Во оваа темна зимска вечер.
Знаеш дека мене не ми е ладно.
Мене твојот лик ме грее.
Твојата појава.
Твојата насмевка.
Погледот.

Не знам колку е часот.
Ги гледам снегулките
ама не ги чувствувам.
Го вдишувам ладниот воздух
ама и неговото студенило не ми пречи сега.

Те барам тебе.
Aма не ми требаш мене.
Му требаш на моето срце.
На мојот мозок.
На  моите очи.
На моите усни.

Па појави се од некаде!
Прегрни ме силно.
Да заборавам на студот.
Да ги почувствувам снегулките.
Заштити ги од ветрот моите усни.
Заштити ме мене.
Сега.
И секогаш.

 

Повторно

Повторно затаена новата јас.
Повторно немоќна.
Освоена.
Изиграна.
Повторно истата причина.
Повторно истиот ти.
Истата насмевка.
Истиот поглед.
Мирис.
Глас.
Спомени.
Ја скршија мојата маска.
Мразот на моето лице.
Мразот околу моето срце.
Ја донесоа среќата.
Тагата.
Носталгијата.
Желбата.
Нов почеток,
или само дежа ву ?